Седум лица загинаа во два терористички напади во Иран, ИД презеде одговорност
Заложничка криза во парламентот на Иран. Неколкумина загинаа и во објектот и во самоубиствениот- бомбашки напад во мавзолејот посветен на Хомеини. Џихадистите од Исламска држава презедоа одговорност.

Седум лица загинаа во два напади во Техеран. Во Парламентот на Иран вооружена група отворила оган и повредила тројца, а обезбедувањето на институцијата деактивирало бомба. Во мавзолејот Хомеини, посветен на основачот на исламската република, една жена се разнела со експлозив при што ранила петмина.
Иранското Министерство за разузнавање соопшти дека спречило и трет терористички напад и апелираше луѓето да го избегнуваат јавниот транспорт.
Одговорноста ја презеде „Исламска држава“.
Шиитскиот Иран му дава воена помош на сирискиот режим и ја поддржува исто така ирачката влада во борбата против џихадистичките групи. Во последните години иранските власт во повеќе наврати тврдеа дека уапсиле терористи кои сакале да го нападнат Техеран.
Во 1979 година, Иран стана Исламска република, кога по падот на монархијата, моќта премина во рацете на свештените лица под контрола на врховниот лидер ајатолахот Хомеини. Негов наследник е Али Хаменеи кој останува на функцијата доживотно. Врховните лидери ги именуваат челниците во правосудството, војската и во медиумите, а одлучуваат и за претседателското место.
Хасан Рохани, актуелниот претседател кој беше реизбран на минатомесечните избори, ветува отворање на земјата, либерализација и заживување на економијата која ослабна поради меѓународните санкции. Во првиот мандат, Рохани го постигна Атомскиот договор на Иран со светските сили, за што за возврат е договорено укинување на најголемиот дел од санкциите.
Маја Филдишев
