Британците гласаат за новиот парламентарен состав
Се очекува конзервативците на премиерката Тереза Меј да го задржат и да го прошират мнозинството од 17 места во Долниот дом на Парламентот. Последните анкети покажаа помала разлика со Лабуристите, особено по последните терористички напади во земјата кои се случија во презиборието...

Предвремените парламентарни избори во Британија треба да решат кој ќе ја води земјата низ преговорите за Брегзит и дали ќе се одржи уште еден референдум во Шкотска за независност од Обединетото кралство.
Избирачките места се отворени од 7 часот по локално време, а до 22 часот, гласачите ќе бираат меѓу 3.303 кандидати за 650 изборни кругови во земјата, онолку колку што има и места во Долниот дом на парламентот. За апсолутно мнозинство се потребни 326 претставници.
Право на глас имаат полнолетните Британци, државјаните на Република Ирска и земјите на Комонвелтот, како и Британците и Ирците од Северна Ирска кои живеат во странство, а се регистрирани на избирачкиот список во Британија во последните 15 години.
Во трка се Конзервативците од десниот центар на чело со премиерката Тереза Меј и левичарите од Партијата на лабуристите предводени од Џереми Корбин. По нив следуваат и Либерално-демократската партија на левиот центар, популистичката и евроскептична Партија за независност на Обединетото Кралство, и Зелената партија.
На претходните избори во 2015-та година, местата во парламентот беа заземени и од Шкотската национална партија, Велшката националистичка партија „Плаид Камри“ и четири партии од Северна Ирска.
Анкетите покажуваат дека конзервативците се во предност, но можно е и лабуристите да формираат влада со поддршка од помалите левичарски партии.
Британците се најзаинтересирани за начинот на кој новата власт ќе ги решава прашањата за Брегзит, тероризмот, националната здравствена служба, имиграцијата и економијата.
Конзервативната премиерка Меј која дојде на власт лани, без да мине изборен процес откако нејзиниот претходник Дејвид Камерон поднесе оставка, неочекувано распиша избори три години пред предвидениот рок, и тоа само една година откако дојде на чело на британската влада.
Според британскиот изборен систем, кандидатот со најмногу гласови во секој изборен круг станува пратеник. Овој метод им ги намалува шансите на помалите партии за учество во парламентот, но оние чијашто поддршка е сконцентрирана во клучните окрузи, како што е Шкотската националистичка партија, би можеле да поминат добро.
Иако во фокусот се партиските лидери, гласачите не бираат директно премиер, туку локални пратеници.
Кралицата Елизабета Втора ќе бара од лидерот на партијата која има најмногу шанси да обезбеди мнозинство во Долниот дом, да застане на премиерската функција и да ја формира новата администрација. На 13-ти јуни, парламентот ќе го бира својот нов претседател, а пратениците ќе дадат заклетва. На 19-ти јуни, Кралицата ќе го прогласи официјално почетокот на работата на новиот парламентарен состав, со претставување на програмата на владата за престојната година. Во истата седмица стартуваат и преговорите за Брегзит.
Маја Филдишев
