Единствен економски пазар за напредок на регионот
Создавањето на единствен економски пазар на државите од Западниот Балкан, е од клучна важност за натамошен напредок, мир и стабилност, како и за продлабочување на евроинтеграциите...

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се согласија денес во Белград дека создавањето на единствен економски пазар на државите од Западниот Балкан, е од клучна важност за натамошен напредок, мир и стабилност, како и за продлабочување на евроинтеграциите.
„Доколку успееме да формираме единствен пазар и успееме да ги приближиме нашите даночни стапки, тогаш би имале единствена економска зона, намалување на трошоците, побрз трансфер на капиталот, на луѓе, побрз сообраќај и транспорт- што би значело и повеќе инвеститори во регионот“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Вучиќ нагласи дека доколку е потребно, ќе ги моли пријателите во регионот на таа тема повеќе да се разговара.
„Она што е најважно е следење на структурните реформи, односно мерките кои се препорачани за секоја од државите, бидејќи има посебни препораки и мерки кои треба да се спроведат. Тоа би бил клучот за конечно интегрирање на Република Македонија, како и останатите земји од Западен Балкан во Европската унија и во единствениот европски пазар“, изјави претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.
Според Јоханес Хан, создавањето на економска зона не е замена за европскиот пат на државите од Западниот Балкан, туку спротивно- тоа е подготовка за влез во ЕУ.
„Одиме чекор натаму кон евроинтеграциите. Доколку некој смета дека тоа може да го тргне вниманието од европската перспектива- тој греши! Не, тоа е подготовка на регионот за пристапување во ЕУ, на нејзиниот единствен пазар, со што ќе создадеме додатна вредност за стоките, а пазар од 20 милиони луѓе е многу привлечен за инвеститорите“, изјави Хан.
Јоханес Хан го истакна и значењето на планот на Берлин за иницирање на нови ивестиции во регионот.
На прес конференцијата, претседателот Александар Вучиќ го потенцираше европскиот пат на Србија и најавата за внатрешен дијалог за Косовското прашање и измените по тој повод во Уставот.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
