Хаос во Хрватска, поплави му се закануваат на Загреб

12.02.2014 13:19

Брзото топење на снегот и силните дождови во Хрватска му се закануваат на главниот град Загреб и на неговата околина. Состојбата е најтешка во Врбовац, кадешто каналите се затнати и не можат да ја задржат надојдената вода. Загрозени се околу 500 објекти.

„ Како што може да видите, куќите се поплавени. Главната трафо станица ја браниме уште од пладне. Пожарникарите ја вадат водата којашто достигна височина од половина метар“.изјави, Владимир Бреговиќ, градоначалник на Врбовец

Пожарникарите велат дека состојбата излегува од контрола и дека вакво нешто до сега не се случило.

„Дождот врне веќе 12 часа без престан, исто така и снегот се топи. Почвата е премногу влажна, а постојниот дренажен систем собра вода колку што можеше“.- вели пожарникар

Пожарникарските екипи имале 65 интервенции. Големи проблеми има и во Петровина, на подрачјето на Велика Горица каде што поплавата му се заканува на локланото население и каде што пожарникарите градат брани.

„Дождот не запира и најлошо од се е тоа што не знаеме што да правиме со козите. Не можеме едноставно да ги оставиме во водата, а имаме и многу малечки јариња. Не знам што да правам“. – вели една граѓанка

Поплави и во Велика Британија. Министрите велат дека властите прават се што е во нивна моќ да ги заштитат куќите од поплавите, додека земјата е во исчекување на нови врнежи. Војската е на готовс, доколку владата ги засили мерките за справување со проблемот. Нивото на реката Темза се стабилизирало во текот на ноќта.

Во снежното невреме во САД пак загинаа 6 лица. Две лица загинале во сообраќајни несреќи предизвикани поради лошите временски услови на патиштата во Мисисипи, а други тројца во Тексас. Шестата жртва е пожарникар којшто загинал на должност. Поради невремето се откажани повеќе од 1 000 летови. Вонредна состојба е прогласена во осум држави: Вирџинија, Мериленд, Северна и Јужна Каролина, Џорџија, Алабама, Мисисипи и во Луизијана.

Марина Автовска