Тевдовски: Ќе има пари за плати и пензии, ребаланс на буџетот до есен
Министерството за финансии најави дека ќе има пари за плати, пензии, субвенции и средства за поддршка на економијата. Ресорниот министер, Тевдовски најави ребаланс на буџетот до есен. Финансии почнува со проверка на доспаеаните, а ненаплатени побарувања.

Пари за плати и пензии во буџетот има, изјави новиот министер за финансии Драган Тевдовски на средбата со новинарите. Информира дека на првиот ден од мандатот, на буџетската сметка имало 6,5 милиони евра, а на девизнита 209 милиони евра, пари од еврообврзницата. Тој вели дека една од работите што ги направил како министер е одблокирањето на повратот на ДДВ. Во првите 100 дена финасии ќе прави проверка на доспеаните и неплатените обврски.
„Јавноста не треба да се грижи, буџетот ќе може да ги сервисира сите плати, пензии, да ги исплаќа субвенциите до крајот на годината, дури во насока, ние направивме и неколку чекори да ја раздвижиме економијата, веднаш без двоумење во првиот и вториот работен ден од буџетот исплаќавме субвенции кои беа во значителен износ, како и стипендии во образованието“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Министерство за финансии веќе работи на подготовка за ребаланс на буџетот кој можеби ќе се случи и пред есен, посочи Тевдовски. Според него главни насоки се да се подобри ефикасноста на јавните трошоци и да се да се даде поддршка на она што ќе ја раздвижи економијата.
„Намерите на мојот тим се основните програмски елементи да бидат содржани во новиот буџет, но исто така сакаме и во ребалансот да се насетуваат клучните насоки. Нашиот став е дека и за некои од клучните програмски мерки, ќе има место и во ребалансот, на пример за минималната плата“, рече Тевдовски.
Тевдовски тврди дека нема да има намалување на платите и зголемување на придонесите, а за даночната политика рече дека ќе се оди на поправично одданочување. Соопшти дека има доволно ликвидност и средства на домашниот пазар. Побара од фирмите да влезат во поголема инвестициска активност.
Сунчица Николовска
