Конзервативците на Меј го загубија досегашното мнозинство во британскиот Парламент

09.06.2017 07:55

Британската Конзервативна партија останува и натаму партија со најмногу пратеници во Долниот дом на Парламентот, но ќе го загуби досегашното мнозинство, покажуваат резултатите од вчерашните предвремени парламентарни избори....

Британската Конзервативна партија, на премиерот Тереза Меј останува и натаму партија со најмногу пратеници во Долниот дом на Парламентот, но ќе го загуби досегашното мнозинство, покажуваат резултатите од вчерашните предвремени парламентарни избори во Велика Британија, врз оснива на анкетите направени според излезноста на гласачите.
 
Тоа не се конечни резултати, но заедничкото истражување на агенциите НОП-ИПСОС и МОРИ, направено за трите главни телевизиски станици - Би-Би-Си, Скај и Ај-Ти-Ви, покажуваат дека конзервативците би освоиле 314 пратенички места, или 17 помалку од досега, додека Лабуристичката партија на Џереми Корбин, би имала 266 пратеници, што е за 34 пратеници повеке отколку на претходните избори во мај 2015 година.
 
За апсолутна победа, што овозможува самостојно формирање на новата британска Влада,  потребни се најмалку 326 пратеници, во Парламентот со 650 пратенички места.
 
Според оваа анализа, Шкотската национална партија (СНП) на Никола Старџен би останала најголема партија во Шкотска, со освоени 34 пратенички места, но би претрпела сериозен удар, во споредба со претходните избори кога оваа партија која заговара независност и напуштање на Обединетото кралство освои 56 од вкупно 59 пратенички места што ги даваат шкотските изборни единици, во британскиот Парламент.
 
Либералдемократите на Тим Фарон, некогаш уверливо третата политичка сила во Британија, на овие избори напреднаа во однос на 2015 година, добивајќи шест пратенички места повеќе и обезбедувајќи 14 пратеници. Десничарската, антиевропска Партија за независност на Обединетото кралство (УКИП) која го покрена процесот на Брегзит и напуштање на ЕУ, најверојатно нема да има ниту еден пратеник во новиот Парламент. Велшките националисти од партијата Плејд Кимру ќе имаат тројца, Партијата на зелените еден, додека сите други партии би имале 18 пратенички места.
 
Доколку ваквите предвидувања се покажат како точни, Британија нема да има силен Парламент  како  што тоа го бараше Тереза Меј, оправдувајќи го решението за предвремени избори, пред да почнат преговорите за Брегзит, што  се оценува како силен удар врз престижот на Меј.
 
Во првата реакција на прогнозите за резултатите од овие избори,  кои се појавија на почетокот од броењето на гласачките ливчиња, се истакнува дека Велика Британија со ваквиот изборен резултат ке се најде на „работ од ножот“ .