Вести од светот

12.02.2014 13:24

Собранието на Сараево едногласно ја прифати оставката на премиерот Суад Зељковиќ и на владата на сараевскиот кантон.

Новиот владин состав треба да се утврди во рок од 60 дена, а до тогаш, со преодната влада ќе раководи министерот за финансии Мухамед Козадра. Српскиот член на претседателството на Босна и Херцеговина Небојша Радмановиќ порача дека нема да има предвремени избори во Република Српска. Во посета на Сараево е шефот на турската дипломатија Ахмед Давутоглу, кој рече дека е позитивно што протестите не се етнички. Неговиот домаќин Бакир Изетбеговиќ изјави дека спонтаниот бунт почнал да добива организирана форма.

Владата на Бугарија го преживеа гласањето  за недоверба на барање на опозицијата која  обвинува дека не успеала да се справи со приливот на бегалци и со порастот на криминалот. Против  се изјасниле  116, а за 93 пратеници. Ова е трето гласање на недоверба на владата на премиерот Орешарски од изборите во мај лани.

Зоран Талер, поранешниот шеф на словенечката дипломатија и европарламентарец, се изјасни како виновен пред судот во Љубљана за земање мито. Според спогодбената пресуда, доби затвор од 2 ипол години што ќе го отслужува преку викенди, 32 илјади евра парична казна и му е забрането да извршува јавна функција 5 години. Талер во судницата изјавил дека аферата е исценирана. Пред три години новинари на „Сандеј тајмс“, сомневајќи се дека зема мито за поднесување амандмани за европски закони, го снимија како прима поткуп, лажно претставувајќи се како лобисти на голема компанија.

Чешката полиција го обвини поранешниот премиер Петар Нечас за корупција. Во 2013 тој им обезбедил добро платени функции во државни претпријатија на тројца пратеници на неговата партија за да поднесат оставки и да дозволат да поминат даночни закони со кои не се согласувале. Му се закануваат до шест години затвор

Кинескиот трговски суфицит се зголемил на 31,9 милијарди долари изминатиот месец. Ова ја смири загриженоста во светот дека втората светска економија можеби забавува. Суфицитот е 14 проценти поголем од минатогодишниот и од прогнозираниот. Увозот се зголемил за 10 проценти.