Изборите во Британија без апсолутен победник, Меј ќе се обиде да формира Влада
Предвремените парламентарни избори во Обединетото Кралство не резултираа со апсолутен победник. Конзервативците на премиерката Тереза Меј останаа најголема партија, но изгубија 12 места. Лабуристите сакаат оставка од Меј, и најавија дека ќе се обидат да формираат Влада.

Конзервативната партија на Тереза Меј доби поддршка од северноирската Демократска унионистичка партија за состав на новата британска Влада, откако се покажа дека го нема потребното апсолутно мнозинство во Парламентот. Се очекува прогласување на уште едно место, а Ториевците имаат 8 помалку од потребните 326 во Долниот дом.
Се прогнозира дека ќе завршат со 319 места, за лабуристите предвидуваат 261, за Шкотската национална партија 35, а за либералдемократите 12 пратенички позиции.
Опозициските Лабуристи најавија дека ќе се обидат да состават малцинска Влада, доколку Меј не успее да го формира кабинетот. Но дури и да го здружи силите со СНП, либерал-демократите, Зелената партија и Плаид Камри, ќе добијат само 313 места.
„Премиерката ги распиша изборие зашто сакаше мандат. Изгуби места, гласови, поддршка и доверба. Доволно е да заминете и да направите простор за влада која ќе биде вистински претставник на сите луѓе во оваа држава“, изјави лидерот на Лабуристите, Џереми Корбин.
Конзервативците претходно бараа во случај на блокиран парламент, премиерката Меј да добие можност да формира влада исто како и нејзиниот претходник Дејвид Камерон во 2010 година кога немаше јасен победник, но партијата имаше повеќе места од ривалот.
Маја Филдишев
