Средба на премиерот Заев со амбасадорите од ЕУ
Изразена силна поддршка за посветеноста кон реформската европска агенда и за определбата Македонија да биде европска држава...
Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерите Бујар Османи и Радмила Шекеринска денеска оствари средба со амбасадорите на земјите членки на Европската унија. Како што соопштуваат од владината прес служба, од страна на сите амбасадори на Европската унија во Македонија, изразена е силна поддршка за определбата на премиерот Заев и на Владата кон реформска агенда што ќе ги отвори перспективите на Република Македонија кон Европа.
„Посветени сме на дефинирање краткорочна и среднорочна агенда за ургентните реформски приоритети. За тоа ќе разговарам и со еврокомесарот Хан во Брисел. Евро-атлантските интеграции се стратешка цел на Македонија и интерес на граѓаните на Македонија е да добие демократски институции“, изјавил премиерот Заев.
Како клучни области во коишто се потребни итни реформи заеднички се посочени судството, медиумите, обезбедување независни професионални институции, функционалност на Парламентот.
На средбата биле поздравени политиките на новата Влада, а била пренесена и порака на оптимизам од Брисел, дека Владата на Македонија ќе ја постави државата на европскиот пат.
„Владата на Република Македонија и јас како премиер сме подготвени во интерес на потребите на сите граѓани на Македонија да соработуваме со опозицијата и со претседателот на државата. Исто така насочени сме кон соработка со цивилниот сектор и со сите други општествени чинители, затоа што само заедно можеме вистински да придонесеме кон развој на Македонија, а со тоа и да обезбедиме квалитетен живот за сите граѓани во државата“, изјавил Заев, стои во соопштението на Владата.
На средбата со амбасадорите, претседателот на Владата на Република Македонија, во име на граѓаните на Македонија, изрази благодарност до земјите членки на ЕУ за помошта и поддршката на принципиелно и пријателско ниво што и ја даваат на државата, во развојот на демократските процеси.
