25 години од основањето на Воздухопловната бригада на АРМ
Во касарната „Страшо Пинџур“ беше одбележан Денот на воздухопловната бригада на Армијата, која прослави 25 години од основањето. Нејзините припадници освен што успешно го чуваат мирот на македонското небо, досега учествувале и во меѓународни мисии. Подготвени се за брзи интервенции при воени или елементарни непогоди.

Во 1992-та година летна првиот македонски екипаж на военото воздухопловство на армијата. Оттогаш до сега нашата земја изгради моќна авијација подготвена за учество во мировни операции надвор од државата. Пилотите го одбележаа денот на единицата.
„Во изминативе години во тек е процес на обнова на воздухопловната бригада, чија цел е да се обезбедат потребните ресурси за извршување на мисијата на бригадата, што ќе придонесе за зголемување на борбената готовност на Армијата во целост. Процесот треба да продолжи и наредната година, а резултатите ќе бидат повеќегодишни“, изјави полковник Роберт Малезански, командант на Воздухопловната бригада на АРМ.
Нашите авијатичари се горди на учеството во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, но не ги забораваат и нивните 11 колеги што трагично ги загубија животите.
„Со вашата работа и професионализам ја презентиравте верноста кон татковината, посветеноста на професијата, преданоста, и секако горди сме на вашата храброст како војници и амбасадори на мирот“, нагласи генерал Зоран Милевски, командант на Здружената оперативна команда.
Воздухопловната бригада обезбедува транспорт на единиците на АРМ, го набљудува воздушниот простор на државата и внимава на стратешките државни објекти.
„Со вашите успешни учества во повеќе мисии организирани од НАТО, како и со вашето учество во мисијата на ЕУ, Алтеа во БиХ, веќе покажавте дека вашите припадници се подготвени да извршуваат задачи, дури и во рамките на НАТО структурите“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Министерката најави дека ќе продолжи опремувањето на едницата со најсофистицирани борбени системи и опрема со што ќе се зголеми борбената готовност и мобилност на бригадата.
Пред 25 години со одлука на претседателот е формирана армиската воздухоловна бригада. Оттогаш до сега, нејзините припадници го чуваат мирот на македонското небо.
Анита Димитријевска
