Меј не поднесува оставка, ќе формира Влада
Британската премиерка верува дека ќе може да формира влада, иако конзервативците не освоија мнозинство на вонредните парламентарни избори. Побара одобрување од кралицата. Тереза Меј нема да поднесе оставка од функцијата и покрај притисокот во партијата. Веќе се лицитира со имињата на оние кои би можеле да ја наследат...

Лидерката на британските конзервативци и премиерка Тереза Меј нема да поднесе оставка од партиската функција и покрај притисокот од незадоволните ториевци, кои ги загубија пратеничките места. За формирање на нов кабинет бара поддршка од Демократската унионистичка партија на Северна Ирска и дозвола од Кралицата Елизабета Втора. Изборите ги распиша неочекувано со цел да ја зацврсти својата позиција пред почетокот на преговорите за излез од Европската унија на 19 јуни.
„Се сретнав со нејзиното височество, кралицата Елизабет аВтора, и ќе формирам влада, влада која ќе ни донесе сигурност и која ќе ја води Британија напред во овие времиња со суштинска важност за нас. Ќе продолжиме да соработуваме со пријателите и сојузниците од Демократската унионистичка партија. Двете партии со години работеа за интересите на целата земја“, изјави премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј.
Конзервативците загубија 16 места во парламентот во кој досега имаа апсолутно мнозинство од 330 пратеници. Лабуристите, кои освоија 266 места, побараа оставка од Меј и најавија дека ќе се обидат да состават малцинска Влада.
„Премиерката ги распиша изборие зашто сакаше мандат. Изгуби места, гласови, поддршка и доверба. Доволно е да заминете и да направите простор за влада која ќе биде вистински претставник на сите луѓе во оваа држава“, изјави лидерот на Лабуристите, Џереми Корбин.
Шкотската национална партија доби 34 места, а либерал- демократите 14 претставнички места. Резултатите од предвремените избори ја зголемија неизвесноста на политичката сцена, но и меѓу граѓаните.
„Тереза Меј ќе се бори да остане на премиерското место. Имаме интересна ситуација за Брегзит. Очекувам дека ќе биде едноставен процесот.“
„Ако си замине Меј, ќе се зголеми нестабилноста. Постои и друг проблем. Конзервативците ќе треба да бираат лидер. Настана хаос“- велат граѓаните.
Покрај процесот за Брегзит, новиот британски кабинет ќе мора да се фокусира и на борбата против тероризмот, имиграцијата и економијата.
Маја Филдишев
