Реакции по изборите во Британија: Меј сама се изненади од изборите
Сакаше мандат кој ќе и овозможи да формира силна влада, го загуби мнозинството во Долниот дом на Парламентот. Погрешна проценка на Тереза Меј за вонредните избори. Брисел со реакција- не знаеме кога почнуваат, но знаеме кога треба да завршат разговорите за Брегзит.

Ги иницираше и сама се изненади од изборите. Британската премиерка Тереза Меј наместо да ја зацврсти својата позиција во преговорите со Брегзит, сега одново ќе треба да ги пофати сите конци. Но, како и со кого ќе го направи тоа, Европската унија воопшто не ја интересира во однос на крајниот рок.
„Не знаеме кога почнуваат, но знаеме кога треба да завршат преговорите“. Ваква е пораката на Доналд Туск. Унијата не планира никаков попуст кон островската земја во однос на Брегзит.
„Се надевам дека Обединетото Кралство ќе останат подготвени за преговори. Ние во Европската комисија можеме уште утре во 9 часот и 30 минути да започнеме, така што ги чекаме преговарачите од Лондон. Се надевам дека нема да има понатамошно одложување. Сега е важно да се договори разводот, а потоа модалитетите за излегување. Се надевам дека изборните резултати нема да имаат влијание врз преговорите на кои очајно чекаме“, изјави Жан Клод Јункер, претседател на Европската комисија.
Дека Унијата нема емоции кон случувањата во Велика Британија се почувствува и во изјавата на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
„Честопати Европската комисија е обвинувана дека е премногу бавна и со долги бирократски процеси. Извинете на споредбата, но нашите пријатели од Британија вчера излегоа на гласање. Една година по референдумот ние сѐ уште не ја знаеме британската позиција во преговорите за Брегзит и се чини не можеме да ја предвидеме. Ова е комплексен процес. Она што сигурно го знам е дека во оваа година им дадовме време на скептиците да се движат брзо и со конкретни чекори кон Европската унија на безбедноста и одбраната“- рече Могерини.
До сега утврдениот датум стои и главниот британски Брегзит преговарач, Мајкл Барнер, кој изјави дека временската рамка и ЕУ позициите се јасни. Ова значи март 2019-та останува крајниот рок за британското напуштање на ЕУ. Ваквите рокови значат дека Британија има 18 месеци фора да формира влада и да го договори Брегзит.
Според членот 50, двете страни имаат рок до крајот на есента 2018 да ги договорат сите спорни прашања. Остатокот од времето е за преговараното да се спакува во договор, па договорот да биде изгласан од двете страни.
Катерина Топалова
