Утврдени областите за итни реформи
Судство, медиуми, независни и професионални институции, функционален Парламент- области каде што треба итни реформи, заклучок од средбата на премиерот Заев и амбасадорите на земјите- членки на Европската унија. Интеграциите остануваат стратегиска цел...

Судството, медиумите, обезбедувањето независни професионални институции, функционалност на парламентот се клучните области во кои што се потребни итни реформи, заеднички заклучиле премиерот Заев и амбасадорите на земјите- членки на Европската унија, акредитирани во земјава. Дипломатите изразиле силна поддршка за посветеноста кон реформската европска агенда и за определбата Македонија да биде европска држава- пишува во владиното соопштение.
Посветени сме на дефинирање краткорочна и среднорочна агенда за ургентните реформски приоритети. За тоа ќе разговарам и со еврокомесарот Хан во Брисел. Евро-атлантските интеграции се стратегиска цел и интерес на граѓаните на Македонија е да добие демократски институци, рекол премиерот Заев пред евроамбасадорите.
По средбата во Владата единствено францускиот амбасадор со коментар. Вели дека Македонија е на вистинскиот пат.
„Зборувавме за евроинтеграциите, состанокот беше оптимистички и успешен. Земјата е на вистинскиот пат, а Франција ќе помогне што е можно повеќе за да бидат исполнети сите добри намери. Сите треба да работите на тоа и очекуваме позитивни чекори“, изјави амбасадорот Тимоние.
На средбата со дипломатите премиерот Заев нагласил подготвеност во интерес на граѓаните владата да соработува со опозицијата и со претседателот на државата, сѐ со цел развој на Македонија и квалитетен живот за граѓаните.
Миле Ристески
