„Златна петорка“ ги освојува симпатиите на домашната и на меѓународната јавност
Филмот „Златна петорка“ ги освојува симпатиите на домашната и на меѓународната јавност. Потврда за тоа се и четирите интернационални награди. До крајот на годината е селектиран на уште 10-тина филмски фестивали во Европа и во светот...

Само осум месеци по светската премиера, „Златна петорка“ се закити со четири интернационални награди. Филмот ги освојува симпатиите не само на домашната, туку и на меѓународната јавност. По главната награда „Златен грифон“ во Перуџа и по специјалната награда во Москва, изминатата недела „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски е прогласен за најдобар долгометражен филм на фестивалот на Југоисточна Европа во Париз, доби и прва награда за монтажа. Филмот за петтемина струмички студенти го отвори фестивалот, а интернационалното стручно жири, во театарот „Палас“, го прогласи за најдобар во конкуренција со 15 филмови.
Досега, по светската премиера и со над 15.000 гледачи во Македонија, последното е 10-то фестивалско учество на филмот. До крајот на годината е селектиран на уште толку филмски фестивали низ Европа и светот.
„Златна петорка“ е силен и трогателен филм. Порака за апсурдната судбина на петмина млади. Сценариото е работено по мотиви на Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и ко-сценаристите Билјана Гарванлиева и Горан Тренчовски.
Филмот е во продукција на „Револушн“ од Скопје, копродукција е Македонската Радио- телевизија и е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија. Помагатели на филмот се општина Струмица, Босилово и Василево.
„Златна петорка“ досега успешно е прикажан на фестивали во Лондон, Москва, Сиднеј, Торонто, Индија, Белин, Париз и Битола, на „Браќа Манаки“.
Ана Јосифоска- Тодоровска
