Косово: Харадинај ќе бара коалициски партнери за да состави Влада

12.06.2017 13:00

Коалицијата предводена од Рамуш Харадинај освои најмногу гласови на изборите во Косово, но за формирање на влада ќе мора да бара коалициски партнери. Српската листа е доминантна во српските средини. Излезноста е нешто над 40 проценти.

Поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово, кого Србија го обвинува за воени злосторства во конфликтот во 90-тите години на минатиот век, освои најголем број гласови на предвремените парламентарни избори. Рамуш Харадинај, веќе беше на премиерската функција на Косово, ја предводи централно-десничарската коалиција ПАН, составена од Демократската партија на Косово, Алијансата за иднината на Косово и Инцијативата за Косово. Поддршка доби од над 34% од гласачите. Најголемо изненадување е националистичкото движење Самоопределување, кое е на второ место со околу 26 насто гласови, што е двојно повеќе од минатите избори во 2014 година. Коалицијата на досегашниот премиер Иса Мустафа освоила 25,6 проценти.

Претседателот Хашим Тачи на Твитер напиша дека очекува нов кабинет што е можно поскоро. Според коалицискиот договор, мандатар за нова влада ќе биде Харадинај, но потребна му е поддршка од друг политички субјект.

Волјата на народот ме обврзува да ја водам земјата. Им благодарам на сите парнери и ги повикувам сите политички субјекти да се обединат за доброто на Косово“, изјави кандидатот за премиер, Рамуш Харадинај.

Косово и додели победа на нашата коалиција, им благодариме на сите кои гласаа за нас. Ова е нашето демократско Косово, новиот почеток. Ќе работиме со вас и за вас, дури и за оние кои не гласаа за нас“, изјави Кадри Весели, лидер на ПДК.

Харадинај во кампањата ветуваше ревизија на сите договори со Белград со кого се влошија односите во 2008 година кога прогласија независност од Србија, како и визна либерализација во рок од три месеци. Приоритет на владата ќе биде намалувањето на невработеноста која изнесува 30%.

 

Маја Филдишев