“Југоисточна Европа во Париз” ќе го претстави Балканот во Франција
Фестивалот на кинематографиите од Југоисточна Европа по четврти пат ќе се одржи во периодот меѓу 27 и 30 април годинава.

Фестивалот на кинематографиите од Југоисточна Европа по четврти пат ќе се одржи во периодот меѓу 27 и 30 април годинава. Настанот ќе се одвива во престижниот културен центар„’Entrepôt“, во Институтот за ориентални јазици и цивилизации.
Во пресрет на овогодишното издание, основачот и претседател на фестивалот Јордан Плевнеш, оствари средба со парискиот градоначалник Бертранд Делано на која го информирал за текот на подготовките за четвртото издание на фестивалот. Делано изјави дека овој фестивал е од исклучително значење за откривањенови имиња во филмската уметност во Градот на светлината и дава огромен придонес во процесот на приближувањето на регионот на Југоисточна Европакон Европската унија.
Во рамките на фестивалот посебен омаж ќе му биде посветен на црногорскиот режисер Живко Николиќ. Фестивалот ќе биде отворен со филмот на Горан Марковиќ “Фалсификатор”, со познатиот глумец Емир Хаџихафисбеговиќ, добитник на почесната актерска награда за животно остварување “Актер на Југоисточна Европа”., Исто така, ќе биде доделена и наградата за “Личност” на фестивалот, која традиционално се доделува на личности од јавниот и општествениот живот, кои со својата работа го обединуваат просторот на Југоисточна Европа.
Пријавувањето за фестивалот трае до 15 март годинава, а интернационалното жири на чело со претседателот на фестивалот, францускиот синеаст Ив Буасе, ќе ја објави официјалната програма на 15 април.
Моника Јовановска
