„Диво насеље“: Обвинетите повторно го бојкотираа процесот

12.06.2017 15:13

Обвинетите во случајот „Диво насеље“ и денеска го бојкотираа судењето, бидејќи како што велат, во судницата не се делело правда. Поради тоа, еден по еден беа изнесени надвор. Тие бараат Советот да донесе наредба стражарски да се приведе разузнавачот Мемети Шенаси, откако тој и денеска не дојде на главната расправа.

Обвинетите во случајот „Диво насеље“ повторно го бојкотираа процесот. Велат- во судницата немало правда, по што откако не ја послушаа наредбата да останат на столчињата и да не стануваат, еден по еден, под силно полициско обезбедување беа изнесени надвор. Адвокатот Насер Рауфи побара изземање на целиот оддел за организиран криминал што работел на случајот, по што судијката го информираше дека одлука ќе биде донесена во рок од три дена. Адвокатката Исеини изјави дека се крши законот за кривичната постапка уште од стартот на истрагата.

Прекршувањето на законските одреби почна уште во истражната постапка и разгледувањето на обвинението, а кулминираше во текот на судскиот процес. Како последен пример ќе наведам дека судот ни го одби правото за дополнување на доказите со образложение дека одбараната требала претходно истите да ги достави. Ние денеска повторно предлагаме нови докази со појаснување дека произлегуваат од главниот претрес, изјави Артение Исеини, адвокат.

Обвинетите бараат советот да донесе наредба стражарски да се приведе разузнавачот Мемети Шенаси и да се сослуша на главната расправа. Според обвинението, 37 мина се товарат за тероризам. Обвинителот тврди дека меѓусебно се познавале и контактирале, што се докажува од, како што вели снимките обезбедени со ПИ мерки. Целта на групата била организирање на терористички напади на фрекфентни локации.

Во престрелката што се случи во кумановската Дива населба животот го загубија 8-мина припадници на македонскта полиција, а повеќе од 40 беа повредени.

 

Анита Димитријевска