ССМ со нов предлог- закон

12.06.2017 15:39

Вработените преку агенциите за привремени вработувања ќе ги добијат истите права како и останатите во институциите и компаниите. Ова се предвидува со новиот предлог закон на Сојузот на синдикатите на Македонија за Агенциите за вработување кој е веќе во владина процедура. Со законот ќе се уредат и начинот на функционирањето на агенциите и добивањето лиценци.

Ќе се зголемат правата на луѓето кои се ангажирани преку приватните агенции за вработувања. Се очекува околу 5.130 работници да ги добијат истите права како и другите, редовно вработени во институциите и компаниите. Ова се предвидува со новиот предлог  закон што го мина филтерот на економско- социјалниот совет и влегува во владина процедура. Ќе се уредат и начинот на функционирање на агенциите и добивањето на лиценци.

Со законот се предвидува привремените агенциски работници да можат да ги користат одредбите од прописите за работни односи, заштитата на посебни категории на работници, на жените за време на бременост, колективно договарање, правото на минимална плата, работно време и други работни услови.

Од ССМ информираат дека е проследена постапката за продолжување на колективниот договор за приватен сектор, додека за колективниот договор за јавниот сектор се очекува да отпочнат преговорите со другите репрезентативни синдикати.

 

Дијана Ценевска