Во СЈО продолжи распитот за случајот „Талир“
Во Специјалното јавно обвинителство продолжи распитот за случајот „Талир“. Во институцијата се појавија директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, пратеникот Димовски. Првиот смета дека СЈО дејствува по наредби од СДСМ, вториот вели оти е повикан поради тоа што е гласен во Собранието.

Во Специјалното јавно обвинителство продолжи распитот на неколку фунционери на ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Талир“. Директорот на Центарот за комуникации, Иво Котевски, изјави дека побарал увид во доказите, истовремено сомневајќи се дека СЈО воопшто има докази против него. Обвини дека ова обвинителство работи во корист на СДСМ со цел прогон на функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од она што досега можеме да го видиме од постапките на СЈО, како општ заклучок може да се каже дека работи исклучиво како партиска испостава на СДСМ“, изјави Котевски.
Исказ во СЈО даде и пратеникот Илија Димовски, поранешен директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека бил повикан поради неговите чести говори во Собранието што некому, како што рече не му се допаѓале.
„Заради тоа што често зборувам во Собранието“- изјави кратко Димовски.
По неколкучасовен распит, просториите на СЈО ги напушти и поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. Осомничен е во неколку случаи за незаконското прислушување. Не даде изјава за медиумите.
Во случајот „Талир“ што СЈО го отвори на 22-ри мај, осомничени се 14-мина за перење пари и злоупотреба на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив се и членови на највисокото партиско раководство.
СЈО побара замрзнување на имотот на партијата, што Кривичниот суд го одби.
Андријана Атанасовска
