Подобрување на животот на лицата со попреченост
Подобрувањето на животот на лицата со попреченост и нивното вклучување во општеството е темата на дводневната меѓународна работилница што се одржува во Охрид. Собирот е организиран од програмата за развој на Обединетите нации и швајцарската Агенција за развој.

Луѓето со попреченост мораат да имаат исти права, еднакви можности и пристап до сите услуги како и сите други лица. Само на тој начин ќе им се гарантира независен живот и право на индивидуалност. Ова беше речено на отворањето на Меѓународниот форум за лица со попреченост што се одржува во Охрид.
„Тука сме за да размениме добри практики со цел да се унапредат правата и слободите на избор на лицата со попреченост. На подобрувањето мора постојано да се работи, бидеќи постојат предрасуди дека тие луѓе не се способни да работат, творат и да имаат активно учество во заедницата“, изјави Луиза Винтон, постојан координатор на ОН и постојан претставник на УНДП во Македонија.
„Во Македонија има соодветна легислатива за професионална рехабилитација, но во пракса таа лошо функционира. Системот е повеќе насочен на давање одредени субвенции за вработување, наместо заложбите да бидат насочени кон вклучување на тие лица на слободниот пазар на трудот“, рече Маријана Јанковиќ, експет од Хрватска.
Државата во иднина ќе се залага за поголема независност на општините со цел тие да можат да одговорат на потребите на сите граѓани.
„Сите граѓани имаат право на подеднакви јавни услуги. Сегашната јасно изразена огромна разлика во капацитетите на општините не гарантира подеднаков пристап на граѓаните во образованието, здравството, инфраструктурата или административните услуги“, изајви Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа.
Во рамки на форумот ќе биде отворена Изложба на плакати изработени од триесеттина лица од целиот свет на тема „Како да се подобри животот на лицата со попреченост на глобално ниво“.
Сашо Нелоски
