НБРМ: Ликвидноста на банките стабилна, расте кредитирањето!
12.02.2014 14:36
Народната банка соопшти дека во јануари е остварен месечен раст на кредитите насочен во целост кон секторот „население“...

На домашните финансиски пазари, во јануари ликвидноста на банките и натаму е на стабилно ниво, соопшти Народната банка на Македонија (НБРМ) денеска, после редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.
Јануарските податоци на НБРМ упатуваат на поволни движења и кај депозитниот потенцијал на банките, којшто и натаму се зголемува, но побавно на месечна основа, што е вообичаено за овој период од годината, и е во согласност со очекувањата од октомвриската проекција.
Според првичните податоци за кредитните текови, НБРМ соопшти дека во јануари е остварен месечен раст на кредитите насочен во целост кон секторот „население“. Сепак, надолните ризици околу кредитниот раст и понатаму се присутни.
Показатели за последното тримесечје покажуваат дека економијата на земјата и натаму ќе расте со сличен интензитет. Овие оцени, во голема мера, се засноваат врз натамошните поволни движења кај клучните економски сектори, пред сѐ кај градежниот и индустрискиот сектор.
На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на ниво од 3,25%.
Воедно, како дополнување на неодамна донесената Методологија за утврдување на потенцијалната побарувачка за благајнички записи, Комитетот ја ревидира каматната стапка на расположливите депозити на 7 дена, со што таа се приближи до каматната стапка на расположливите депозити преку ноќ.
