МТСП: Средба за решавање на десетгодишниот проблем со гинеколог во Шуто Оризари

13.06.2017 11:58

Тема на работниот состанок беше постојната законска регулатива за заштита на бремени жени, посебно на жените Ромки.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска оствари работна средба со министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, министерот без ресор, Самка Ибраимовски, претседателот на Здружението на гинеколози на РМ, д-р Душко Филиповски и претставници на невладини организации. Тема на работниот состанок беше постојната законска регулатива за заштита на бремени жени, посебно на жените Ромки.

Како што соопштија од Министерството за труд и социјална политика, на средбата невладините организации имале можност да ги искажат проблемите со коишто жените Ромки се соочуваат секојдневно. Тие велат дека поголем број од нив за првпат со гинеколог се сретнуваат кога ќе дојде време за породување, а не ретко се случува од болница да бидат вратени затоа што немаат здравствени легитимации иако се итни случаи.

Претседател на Здружението на гинеколози на РМ, д-р Душко Филиповски рече ова е прашање за кое е потребно трајно решение. Тој напомена дека во минатото понудени се разни начини за решавање на недостигот на матични гинеколози во Општина Шуто Оризари, но дека ниту едно од нив не се покажало како трајно.

Министерите за труд и социјална политика, за здравство и без ресор изразија задоволство затоа што, како што рекоа, дијалогот за изнаоѓање на решение на прашање кое десет години претставува проблем во Општина Шуто Оризари, е започнат и ќе се работи на можните решенија.

Министерката Царовска и министерот за здравство Таравари се согласија да одржат работен состанок со директорот на Фондот за здравство на кој ќе разговаараат за можните решенија, а потоа тие да бидат претставени на состанокот на Здружението на гинеколози кој ќе се одржи на крајот од овој месец.