Димитров оптимист за евроатланските интеграции
Димитров вели дека спорот за името трае предолго и неговото нерешавање влијае и на регионалната стабилност.

За Грција ќе биде добро доколку Македонија како нејзин сосед што побрзо стане дел од НАТО, ваква порака испрати македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за грчкиот весник „То Вима“, пред неговата утрешна посета на Атина.
Димитров вели дека спорот за името трае предолго и неговото нерешавање влијае и на регионалната стабилност.
Шефот на македонската дипломатија во Атина ќе се сретне со неговиот грчки колега Никос Коѕиас. Засега официјално нема детали за средбата, ниту кои ќе бидат темите за кои ќе се разговара.
Според грчките медиуми, се очекува на маса да бидат мерките за градење доверба и начините на кои може да се продлабочи билатералната соработка меѓу двете земји.
Официјална Атина останува на својот цврст став дека Македонија не може да стане членка на НАТО без претходно да се реши прашањето за името.
