Прифатен предлогот за смена на Зврлевски
Советот на јавни обвинители со мнозинство гласови го прифати владиниот предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Предлогот оди во Собранието. Минатиот понеделник Владата реши да поведе постапка за разрешување на Зврлевски со образложение за незаконско и ненавремено извршување на функцијата.

Советот на Јавните обвинители го прифати предлогот на Владата за разрешување на републичкиот обвинител Марко Зврлевски. Одлуката беше донесена по двочасовна седница зад затворени врати. Каков бил соодносот на гласовите на членовите на Советот, претседателот Петар Аневски не соопшти. Информираше дека одлуката е донесена со мнозинство гласови.
„Можеби се изразив во суперлатив за обвинителот, а повторно ќе кажам дека е добар обвинител, секој го дели тоа мислење, како и мнозинството членови во Советот. Кога Владата дава предлог за негово разрешување, Советот мора да се произнесе позитивно или негативно во рок од 15 дена. Ние тоа го направивме уште денес“, изјави Петар Аневски, претседател на Советот на јавните обвинители.
Решението со кусо образложение ќе биде доставено до Владата, информираше Аневски. Според законот, Советот на јавните обвинители милењето го доставува до Владата за потоа предлогот за разрешување да биде испратен до Парламентот. Ако не се согласува со одлуката, Зврлевски може да се произнесе пред Собранието.
Претседателот на Владата, Зоран Заев два пати јавно го повика обвинителот Марко Зврлевски да си поднесе оставка. Но, откако не го стори тоа, Владата поднесе барање до Советот на јавните обвинители за негово разрешување.
Од 11 члена колку што брои советот право на глас имаат десет. Зврлевски којшто по службена должност е член на ова тело, нема право да учествува во дискусијата за негово разрешување.
Анита Димитријевска
