Работилница за развој на филмски проекти
Дваесеттина млади сценаристи, продуценти и режисери од светот, кои се дел од работилницата која се одржува во Охрид, во рамките на професионалната програма за развој на филмски проекти „Мидпоинт“ во наредните денови ќе имаат можност да соработуваат со врвни филмски професионалци. Ова е прва соработка на Агенцијата за филм на македонија со „Мидпоинт“, која се смета за една од водечките во Европа...

Младите сценаристи, продуценти и режисери во наредните пет дена ќе имаат можност да соработуваат со познати филмски експерти од Европа во круцијалната фаза од нивните проекти, кога се уште може да се изврши доработка на креативниот дел од сценаријата. Во конкуренција од 75 апликанти годинава беа избрани 9 сценарија за проекти во интернационалната конкуренција, од кои едно од Македонија, а уште три македонски проекти се дел од работилницата „Митпоинт интензив Маседонија“.
„Континуирано да работиме и да ја развиваме стратегијата за едукација на филмските професионалци, што е многу значајно при создавањето на нови филмски дела. Многу значајно од аспект да се создаваат нови филмски дела, потоа од аспект да бидат видени што повеќе надвор од границите на Република Македонија“, изјави Мими Ѓоргоска-Илиевска, директор на Агенцијата за филм на Македонија.
„За некој процент да ја истакнеме Македонија на таканаречената филмска карта на светот, како еден од значајните центри каде што не само македонските проекти се случуваат. Има премрежие на многу други европски и не само европски проекти, како што слушнавте имаме и ирански проект и т.н.“, вели режисерот Иво Трајков.
Покрај работата на креативниот дел на сценаријата учесниците ќе се запознаат и со начинот на презентација на сценаријата, комуникацијата помеѓу продуцентите и режисерите и како да обезбедат финансиски средства за нивните идни филмски остварувања.
„Проектот „Мидпоинт“ започна пред 8 години и се базира на работа на проекти од Централна и Источна Европа, но се повеќе има проекти од целиот свет“, вели Павел Јех-уметнички директор на „Мидпоинт“.
Во октомври во Прага ќе се одржи втората работилница каде што на младите филмски работници своите искуства ќе им ги пренесат експерти од други области, со цел нивните проекти да добијат шанса да бидат презентирани пред потенцијални партнери кои би ги финансирале.
Сашо Нелоски
