Штрајк во прилепски „Еурокомпозит“, вработените бараат плата
Штрајкуваат вработените во наменската фабрика „Еурокомпозит“ која воедно е и единствениот загубар со нерешен статус. Вработенитеимаат шест неисплатени заостанати плати и неплатени придонеси пет години. Директорот на фабриката вели дека имаат договори за работа, но за заостанатите долгови треба да одлучува Владата.

Исплата на две заостанати плати, за декември минатата и за јануари оваа година, а до крајот на месецов и февруарската плата со прекувремените часови, бараат вработените во наменската фабрика „Еурокомпозит“ за да го прекинат штрајкот. Велат- нивната агонија е со години и се единствен загубар со нерешен статус.
На вработените не им се исплатени вкупно шест заостанати плати. Придонеси не им се плаќаат пет години. Бараат државата да го решава нивното прашање.
Според директорот Марјан Додовски, оваа година тој исплаќал делови од платите до април и дел е решено здравственото прашање. Фабриката има договори за работа со странски фирми, соработка со МВР, но не и со Министерството за одбрана.
На вработените им нуди една плата до крајот на јуни и уште две плати до крајот на јули доколку се вратат на работните места. За заостанатите плати и придонеси, надлежна била владата која треба да донесе одлука. Тоа не е направено со години.
Еурокомпозит има околу 300 вработени и околу 3 милиони евра заостанати долгови, главно, придонеси за работниците.
Елизабета Митреска
