Масовно труење со храна во ирачки бегалски камп

13.06.2017 15:47

По вчерашната вечера во кампот Казир, се затруле над 800 лица. А најмалку 300 од нив се во критична здравствена состојба. Храната, обезбедена од невладина организација од Катар, била послужена за Ифтар...

Жена и дете починале од последици на труење со храна, а стотици биле затруени во ирачки камп за раселени лица во близина на Мосул. По вчерашната вечера во кампот Казир, се затруле над 800 лица. А најмалку 300 од нив се во критична здравствена состојба. Храната, обезбедена од невладина организација од Катар, била послужена за Ифтар, вечерен оброк со кој муслиманите го завршуваат денот на пост за време на месецот Рамазан. Луѓето почнале да повраќаат веднаш по ифтарскиот оброк, а некои дури и се онесвестиле. Сите загрозени биле згрижени во локалните болници.

„До сега имаме примено околу 800 случаи, од кои 200 ги транспортиравме во болници во Ирбил“, изјави Амира Абдулхалек, УНХЦР.

Меѓу пациентите повешќето се жени и деца, а почната е истрага против сопственикот на ресторанот којшто ја подготвувал спорната храна.

„Се уште не ја знаеме причината за труењето, но во моментот се спроведува полициска истрага. Не е познато во кој дел се случила контаминацијата, дали во пакувањето, подготовката или пак транспортот“, вели Абдулхалек.

Кампот Ал Казер се наоѓа на патот кој ги поврзува градовите Мосул и Ербил и во него се наоѓаат луѓе кои се раселени поради судирите меѓу ирачките сили и припадниците на екстремистичката група Исламска држава во Мосул.

 

Марина Автовска