Подготвеност за конструктивни преговори: Димитров утре на средба со Коѕиас
Македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров, утре во Атина ќе разговара со грчкиот министер, Никос Коѕиас. Ден пред посетата, тој во интервју за „То Вима“ изразува подготвеност за конструктивни преговори. Смета дека двете страни треба да им пристапат со добра волја.

„За Република Грција, прашањето е каков сосед сакате да имате? За Република Македонија, прашањето е каков сосед сакаме да бидеме“- ова е коментарот на шефот на дипломатијата, Никола Димитров за весникот „То Вима“, еден ден пред посетата на Атина и средбата со грчкот министер, Никос Коѕиас.
Тој вели дека Македонија долго време е оставена во чекалницата на НАТО и на Европската унија, пред затворени врати, иако тоа е во спротивност на одлуката на меѓународниот суд во Хаг.
„Колку побрзо нашата земја добие покана за членство во НАТО, толку ќе бидат подобри и перспективите на Грција за нејзиниот сосед. Јас сум оптимист и дека можеби набргу ќе добиеме датум за почеток на преговори за интеграција во Европската унија“, вели Димитров во интервјуто за „То Вима“.
Сепак, сигналите од влијателните политички сили во Атина се поинакви.
„Прашањето за името на соседната земја мора да биде решено на заемно прифатлив начин, а тоа е решение со кое што Грција ќе се согласи. Додека вакво решение не биде најдено, не може да стане збор за каква било промена на политиката од Букурешт, која што резултираше со едногласната одлука на НАТО. Оваа политика ја има поддршката на мнозинството Грци и политички сили во Парламентот“, се вели во соопштението на најпопуларната грчка опозициска партија Нова демократија.
Телевизијата „Скај“ информира дека грчката дипломатија изразува скромен оптимизам за ставовите на новата влада кои што досега беа презентирани.
Солунскиот весник „Македонија“ пишува дека грчкото Министерство за надворешни работи веќе прави стратегија во однос на евентуалниот притисок нашата земја да влезе во НАТО под времената референца. Весникот, повикувајќи се на искусни дипломатски извори, вели дека проблемот со Скопје не бил само во однос на името, туку и во однос на наводната иредентистичка политика која што досега се водела.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
