Потребна е политичка стабилност за повисок економски раст
Почнува раздвижување на економијата, фирмите влегуваат во економска активност, ќе се прави притисок за да растат платите- тврди министерот за финансии Тевдовски. Економисти со совет- потребна е политичка стабилност за раст на бруто-домашниот производ...

Земјите на Западниот Балкан многу доцнат зад земјите од Централна и од Источна Европа во однос на економскиот раст. Причините се разновидни, но освен политичката нестабилност која е најважен фактор за бавниот економски раст, експертите сметаат дека се потребни нови економски политики кои ќе овозможат обнова на економскиот раст и намалување во јазот во однос на развиените земји.
„Има многу политики кои владите на земјите од регионот треба да ги применуваат, ред се од областа на пазарот на трудот. Македонија е една од земјите кои имаат висока стапка на невработеност, односно многу ниска стапка на вработеност. Сите се под линијата од 50%, а во Европа се тежнее да се дојде до стапка на вработеност од 75% до 2020-та“, вели Милица Увалиќ, професор на Универзитетот во Перуџа, Италија.
Увалиќ препорачува посериозни активни мерки за вработување, како и подобрување во областа на посредување при вработување, како и на подготвеноста на службите во агенциите за вработување. Стапката на невработеност на новдипломирани високо образувани млади лица е три пати поголема од европскиот просек,вели Увалиќ.Новата влада најавува зголемување на платите што ќе овозможи раст на животниот стандард, а првите показатели покажуваат раздвижување на економските субјекти.
„За Македонија основната идеја е дека е потребно да има еден модел кој ќе придонесе платите да растат на мнозинството граѓани, бидејќи тоа е основата за подигнување на животниот стандард на сите оние кои живеат од својот труд, а немаат проходи од капитал. Јас имам оптимизам дека започнуваат фирмите да влегуваат во економска активност и да ја раздвижуваат економијата. После долг период на економски замрзната ситуација, се јавуваат први сигнали на раздвижување“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.
Се забрзува повратот на ДДВ кон фирмите,вели Тевдовски, што треба да овозможи побрза циркулација на средставта кои ќе бидат ангажирани во компаниите.Растот на платите е трошок за фирмите, но е корисен за економијата,смета Тевдовски, затоа што ќе овозможи креирање нова потрошувачка.
Свето Николовски
