Заев: Секоја средба е шанса за да се одблокираат интеграциските процеси на Македонија

14.06.2017 11:33

Премиерот заев има позитивни очекувања од денешната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција. Очекува поконкретни резултати. Најави дека Владата ќе испорача резултати и пред Европската унија.

„Секоја средба е шанса за изнаоѓање решение за да се одблокираат интеграциските процеси на Македонија“- вели премиерот Заев. Тој има позитивни очекувања од денешната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција на која, како што истакна, се очекува  посебно внимание да се посвети на зголемување на мерките за доверба помеѓу двете држави.

„Секоја средба е шанса за наоѓање решение за одблокирање на нашите процеси кон потполна интеграција во НАТО и Европската унија. Знам дека секоја средба со пријателски мотиви може да ги доближи ставовите и да изнајдеме решение навистина оваа мала земја тука на Балканот, нашата Република Македонија, конечно после толку години да се приближи напред“, изјави премиерот Заев.

Очекува поконкретни резултати. Најави дека Владата ќе испорача резултати и пред Европската унија.

„Наша желба е да почнеме преговори со ЕУ. Се надевам дека тоа ќе се придвижи брзо, секако тоа зависи од реформите, но и од нашите соседи, пред се од Грција, но зависи, како што знаете, и од Бугарија заради непотпишаниот договор во кој правец работиме, со цел час поскоро да може да се одблокираат ваквите процеси“, нагласи Заев.