Над 50 луѓе повредени во пожар во висококатница во Лондон
Во несреќата има жртви и луѓе кои сѐ уште се заробени во зградата, а според битанските медиуми повредени се околу 50 луѓе.

Повеќе од 200 пожарникари со часови се бореа да го изгаснат огромниот пожар што изби во висококатница во западниот дел од Лондон. Во несреќата има жртви и луѓе кои сѐ уште се заробени во зградата, а според битанските медиуми повредени се околу 50 луѓе.
Шефот на лондондката полиција за БИ-БИ-СИ потврди дека повредените, кои се евакуирани се здобиле со бројни повреди.
„Околу половина час по полноќ се разбудив и слушнав како доаѓаат амбулантни возила. Ги разбудив моите две деца и се симнавме долу со соседите. Слушнав некои луѓе како бараат помош од 19 или 20 кат. Не знам што се случи со нив, ниту дали се безбедни. Пожарот беше ужасен, никогаш не сум видела нешто такво“, вели еден станар.
Зградата има 120 станови, но не е познато колку луѓе се наоѓале во неа кога избил пожарот. Според очевидците, некои луѓе од повисоките катови очајнички повикуваат помош.
„Го слушнав соседот како вика „пожар“, погледнав низ клучалката и видов неколку луѓе како трчаат по скалите. Првин мислев дека е побезбедно да останеме внатре, но тогаш се вклучи алармот за пожар“, додава друг станар.
„Беше вистински пекол. Во истата зграда имаше пожар пред 6 месеци, но беше само на еден кат и набрзо беше изгаснат. Овојпат ќе има многу жртви. Видов деца како висат на прозорците и како врескаат. Ужасно беше“, вели еден локален жител.
„Почувствував мирис како да гори пластика. Отидов до кујната и видов пожар надвор од прозорецот. Живеам на 9-тиот кат. Си помислив, нешто не е во ред“, вели станар на зградата.
Според некои информации, причина за пожарот бил неисправен фрижидер, а според други би можела да биде во градежниот материјал кој бил користен за реновирање на зградата, кое траело цели две години и завршило неодамна.
Се стравува дека зградата која е речиси целосно во пламен би можела да се урне. Поради тоа, евакуирани се и станарите од околните станбени објекти.
Марина Автовска
