Родот помал, пченицата ќе го поскапи и лебот?
Агробизис комората очекува годинава приносите од пченица да бидат преполовени во однос на лани. Причина- лошите временски услови. Се бара интервентен откуп на 50 илјади тони, кои би се чувале до зима. Од мелничко- пекарската индустрија објаснуваат, повисоката цена на пченицата ќе го поскапи лебот.

Државата да изврши интервентен откуп на 50 илјади тони пченица по цена од 12 денари и да ја чува во стоковите резерви до јануари, сугерира Агробизнис комората со став- приносите од годинашниот род се преполовени и со понизок квалитет од лани, може да поскапи и брашното.
„Очекуваните приноси годинава од пченицата се преполовени во споредба со минатата година. Во вакви услови за стабилизирање на пазарот, препорака е да се изврши интервентен откуп на пченицата од страна на Бирото за стокови резерви, пред стартот на откупот за да бидат заштитени сите страни и да има стабилност на пазарот, предлагаме доколку има потреба да се субвенционира лагерување во постоечките капацитети“, вели Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис комората.
Ако се зголеми цената на пченицата, ќе поскапи и брашното и финалниот продукт. Мелничарите може да се одлучат за поквалитетна од увоз, посочуваат од мелничко- пекарската индустрија.
„Треба да се напомене дека поради лошата сезона можно е да потфрли и квалитетот на пченицата. Затоа дел од мелничарите се одлучуваат за увоз на поквалитетна пченица по иста цена со домашната“, посочува Горан Ѓоргиевски, заменик претседател на Агробизнис комората.
Со примена на агротехнички мерки може да се ублажаат последиците од климатските промени и да се обезбеди поголем и поквалитетен род, посочуваат познавачите. Велат, искуствата на неколку компании. На 550 хектари во Прилепско со примена на соверемени технологии се очекуваат солидни приноси.
„Пченицата и пченката дадоа добар квалитет и солидни приноси кои очекуваме да бидат преку 50 тони силажа од пченка и преку 7 тони на хектар, пченица“, вели Даниела Настова Пиштолова, управен одбор на Агробизнис комора.
Минатата година од 80.000 хектари насеани со пченица родот тежеше над 300.000 тони. Просечната откупна цена на пченицата лани изнесуваше од 8 до 9 денари за килогрм, а брашното чинеше 12 денари за килограм.
Сузана Фиданска- Стоевска
