Се бара решение за катарската криза

14.06.2017 16:03

Неколку заливски земји ги прекинаа дипломатските односи со Катар, обвинувајќи го за поддршка на тероризмот. Блокадата се однесува на копнените, воздушните и поморските релации. Лидерите на неколку земји се обидуваат да најдат решение за спорот. Вашингтон со оптимистички тон- најлошото е зад нас.

Познат адвокат за човекови права во Бахреин беше уапсен откако поднесе тужба против санкциите кои неговата земја ги воведе на соседен Катар. Иса Фараџ ал-Буршад беше притворен откако се спротивстави на мерките на Манама, вклучувајќи ја и забраната на државјаните на Катар да престојуваат во оваа земја. Тој поднесе тужба до Високиот управен суд во Манама против Владата, Министерствата за внатрешни и за надворешни работи, прогласувајќи ги мерките како „произволни“.

И катарската фудбалска репрезентација се соочува со закана од дисциплински мерки од ФИФА откако фудбалерите се појавија во маички со ликот на катарскиот емир за време на тренингот за квалификациите за Светското првенство против Јужна Кореја. ФИФА забранува користење на какви било политички, верски или комерцијални пораки на дресовите.

Амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во Вашингтон, Јусеф ал Отаиба вели дека мерките против Катар не вклучуваат воена интервенција. Порача и дека ќе се зголеми економскиот притисок.

„Четири пати разговарав со американскиот министер за одбрана Џим Метис. Го убедивме дека чекорите кои ќе ги преземеме нема да ја загрозат американската база Ал Удеид во Катар, поддршката или кои било други акции кои се поврзани со таа база“, изајви Јусуф Ал Отајба, амбасадорот на ОАЕ во Вашингтон.

Поради дипломатскиот спор ќе бидат повлечени околу 450 мировници од границата меѓу Џибути и Еритреја, африканските земји кои водат маратонски територијален спор.

По средбите на американските претставници со главните играчи во спорот, беше постигнат мал напредок во обидите за решавање на заливската криза.

„Расположението и пристапот за решевање на кризата ни даваат надежтака што веруваме дека најлошото е зад нас“, изјави Хедер Науерт, портпарол на Стејт Департмент.

Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу е во посета на Катар за да се сретне со државниот врв.

Минимален прогрес е забележан и на берзата. Катарскиот индекс е во мал пораст по падот предизвикан од санкциите на заливските земји.

Маја Филдишев