Страотен пожар во центарот на Лондон
Пламени јазици ја проголтаа 24- катницата „Гренфел Тауер“ со 120 станови. Има 6 загинати, над 70 повредени, 20 во критична состојба. За време на спасувачката акција, голем број луѓе беа заробени во облакодерот. Сѐ уште нема потврда за официјалната причина за несреќата...

Повеќе од 200 пожарникари со часови се бореа да го изгаснат огромниот пожар што изби во висококатница во западниот дел од лондон. Пламените јазици ја проголтаа зградата. Има загинати и голем број повредени, дел се во тешка состојба. Полицијата ги евакуираше и околните згради, затворен е и дел од автопатот А-40, сообраќајница која води кон центарот на Лондон.
„Околу половина час по полноќ се разбудив и слушнав како доаѓаат амбулантни возила. Ги разбудив моите две деца и се симнавме долу со соседите. Слушнав некои луѓе како бараат помош од 19 или 20 кат. Не знам што се случи со нив, ниту дали се безбедни. Пожарот беше ужасен, никогаш не сум видела нешто такво“, вели станар во зградата.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека ќе бара одговори и додаде дека приоритет е да се најде итно засолниште за евакуираните семејства.
„Еден од клучните приоритети се згрижување на 120-те семејства што мораа да ги напуштат своите домови, но исто така и околните зданија кои се засегнати од пожарот“, рече Кан.
Зградата има 24 ката и 120 станови, но не е познато колку луѓе се наоѓале во неа кога избил пожарот. Според очевидците, некои луѓе од повисоките катови очајнички повикувале помош.
„Го слушнав соседот како вика „пожар“, погледнав низ клучалката и видов неколку луѓе како трчаат по скалите. Првин мислев дека е побезбедно да останеме внатре, но тогаш се вклучи алармот за пожар“, вели еден станар во зградата.
„Беше вистински пекол. Во истата зграда имаше пожар пред 6 месеци, но беше само на еден кат и набрзо беше изгаснат. Овојпат ќе има многу жртви. Видов деца како висат на прозорците и како врескаат. Ужасно беше“, изјави еден локален жител.
„Почувствував мирис како да гори пластика. Отидов до кујната и видов пожар надвор од прозорецот. Живеам на 9-тиот кат. Си помислив, нешто не е во ред“, изјави еден станар.
Пожарникарите влегуваа во висококатницата и со големи напори спасуваа преживеани.
Марина Автовска
