75 милиони евра преку ЕБРД за енергетска ефикасност
Компаниите, општините и јавните комунални претпријатија имаат пристап до фондот на ЕБРД вреден 75 милиони евра за енергетска ефикасност...
За да ги намалат трошоците за енергија македонските приватни компании, општини и јавни комунални претпријатија можат да ја користат кредитната линија на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) - ВЕБСЕДФ 2.
Заедно со 6 земји од регионот тие имаат пристап до Фонд од 75 милиони евра, а единствен услов е со инвестицијата да се заштедат најмалку 30% енергија и да се намали за една петтина емисијата на СО2.
Максимален износ на поединечен кредит за фирмите е до 2 милиона евра, а за општините до 2,5 милиони евра. Заедно со кредитот ЕБРД доделува и грантови кои за компаниите се движат од 5 до 10% од износот, а за локалните самоуправи од 10 до 15%. Со првата кредитна линија преку ЕБРД во земјава беа поддржани 38 вакви проекти, вредни 12 милиони евра.
„Ефектите се гледаат во намалување на емисијата на СО2 за 166.500 тони на годишно ниво или тоа значи како да се надвор од улиците приближно 92.500 возила годишно. Односно се заштедува енергија од 500 гигават часови или 6% од вкупно ангажираната енергија во земјава”, нагласи Ловре Ристевски, консултант во ЕБРД, презентирајќи ја кредитната линија пред претставниците на локалните власти во земјава.
Свето Николовски
