Саем за вработување во Скопје: Над 50 компании бараат работници
Над 50 компании на Саемот за вработување остварија контакт со невработените лица ,кои бараат работа...

Што се бара на пазарот на труд, кои се побаруваните вештини, како до работно место? Ова се главните дилеми на оние кои го посетија Саемот за вработување во Скопје. Некои бараа вработување по струката, други веќе се преквалификувале за да си обезбедат егзистенција. Се жалат дека тешко се доаѓа до работо место, незадоволни се и од понудите плати.
„Работев во трговија, продавач, сега пак барам работа. Останав без работа бидејќи ниски ми беа примањата.“
„Се надоградив, посетував обуки, се стекнав со лиценци“- велат дел од барателите на работа.
На Саемот, компании од различни профили понудија вработувања, бесплатни обуки, како и преквалификации за невработените.
„На овој саем сме тука да ги понудиме новите бесплатни обуки кои ќе бидат преку Агенцијата за вработување, конкретно за јава програмери и во делот за софтвер за проверка на квалитет, како најнови што се нудат“, вели Анче Јовановска, менаџер за човечки ресурси.
Понуда имаше и за луѓе со социјален ризик.
„Ние овозможуваме лицата во социјален ризик да си го најдат своето место на пазарот на труд. Доколку немаат соодветни квалификации и сакаат да се доквалификуваат или преквалификуваат, ние им овозможуваме бесплатни курсеви“, изјави Корнелија Цибушева, СОС Детско село.
Од Агенцијата за вработување велат дека со мерките за вработување досега се опфатени околу 100 илјади луѓе, отворени се над 40 илјади работни места.
„Македонија вработува досега вкупно со можноста за вработување на млади лица до 29 години отвори нови 34.500 работни места, од кои 60 проценти се вработени млади до 35 години“, изјави Слободанка Алексовска, АВРМ.
Вакви саеми досега се одржаа во поголемите градови низ државата.
Дијана Ценевска
