Изгаснато и последното жариште во висококатницата во Лондон, бројот на жртви расте

15.06.2017 12:45

Досега е потврдено дека загинале 17 лица, но се стравува дека бројот на жртви ќе расте. Десетици луѓе се повредени, од кои 18 се во критична состојба, а бројот на исчезнати луѓе не е утврден.

Комесарот на противпожарната служба во Лондон, Дени Котон изјави дека би било чудо да се пронајде некој жив во висококатницата „Гренфел тауер“ во западен Лондон што вчера изутрината ја проголта пожар. Котон за „Скај њуз“ рече дека е сѐ уште е рано да се каже го предизвикало пожарот и додаде дека во раните утрински часови биле изгаснати и последните жаришта. Сепак, станарите го доведоа во прашање начинот на кој е граден објектот. Котон меѓудругото наведе и дека пожарникарите не можеле да извршат сеопфатна претрага на 24-катницата, бидејќи не е безбедно да се движат по рабовите на зградата.

Досега е потврдено дека загинале 17 лица, но се стравува дека бројот на жртви ќе расте. Десетици луѓе се повредени, од кои 18 се во критична состојба, а бројот на исчезнати луѓе не е утврден.

Доброволци и хуманитарни организации собрале повеќе од милион фунти како помош за жртвите од пожарот.

Командантот на лондонската полиција рече дека се води комплексна операција што ќе трае повеќе денови. „Гренфел тауер“ е изграедена во 1974 година и вчера речиси целата изгоре. Експерти тврдат дека зградата нема да се урне.

Повеќе од 200 пожарникари и 40 возила со часови се бореа да го стават пожарот под контрола, а медиумите потсетуваат дека пожар од ваков обем со генерации не бил виден во британската престолнина.

 

Марина Автовска