Промоција на „Соборните храмови во Македонија од времето на преродбата“

12.02.2014 15:32

Kолор-монографија „Соборните храмови во Македонија од времето на преродбата“ од проф.д-р Димитар Ќорнаков, долгогодишен истражувач на богатото културно наследство на Македонија е промовирана денеска во мултимедијалниот центар „Матица екслузив“.

На претставувањето на монографијата проф.д-р Ратомир Грозданоски рече дека соборните храмови се македонски предобраз на слободата, која во нив е вградена и во нив е изразена.

- Храмот е симбол на слобода, парче слобода и место на слободата. Залог за нов век. А, во кое време се градени тие храмови и со каква убавина се изградени, претставува чудо и сведоштво за големината на духот на овој народ, кој бил во ропство. Градевме и потоа, и во слобода – и денес градиме, но нив не ги достигнавме – не ги надминавме. Поубави цркви не подигнавме. Поубави градби не изѕидавме, истакна Грозданоски.

Македонскиот народ, посочи тој, во соборните храмови ги соѕидал убавините од својата душа и убавините од својата земја.

- Никаде не е поубав македонскиот камен од вградениот в црква и в манастир. Таму нашиот камен ја добива целата своја убавина и украс. А, така е и со дрвото, и со песокот, и со земјата, и со калта, и со сламата, и со варта и со боите. Сè е наше и сè е овдешно. Секој соборен храм во Македонија е со убавина на Соломоновиот храм, рече Грозданоски.

Потенцира дека тие соломоновски убавини ќе може секој нашинец и секој туѓинец да ги види, да се воодушеви и да се насладува на нивното велелепие, сега збрани на едно место, во изданието на прекрасната монографија за нив, напишана од д-р Димитар Ќорнаков.

- Почитуваниот автор е богослов и историчар на уметноста, а кај нас значи за ненадминат зналец во оваа област. Неговиот приод е научен, а изразот му е јасен. Оваа преубава книга најтопло ја препорачувам на читателската публика, а таа е лесно четиво и разбирлива за секого, додаде Грозданоски.

Авторот Ќорнаков рече дека досега не е објавена книга за соборните храмови во Македонија од времето на преродбата и оти сите храмови од тој период заслужуваат внимание.

- Тие храмови содржат богати уметнички дела на наши зографи, копаничари, архитекти од времето на преродбата. Во монографијата говорам и за духовните наши водители. Тие се првите наши дејци кои се движеа и го побудуваа македонскиот народ, го обединуваа и во таа смисла се градеа големи цркви каде се собираше народот и го празнуваше она што порано не  беше дозволено, истакна Ќорнаков.

Имаме, посочи тој, голем број соборни цркви во градовите.

- Во книгата се поместени 14 соборни храмови, но ги опфаќаат градовите почнувајќи од Скопје, Велес, Битола, Прилеп, нашите манастири - Осоговскиот и Пречиста Кичевска, Куманово итн. Главните центри на Македонија во тоа време биле жариште на таква една обнова и изградба на соборни храмови. Сакав сите тие објекти, сите тие вредности да ги сместам во една книга која мислам дека ќе побуди интерес кај нашиот народ, додаде Ќорнаков.

Димитар Ќорнаков (Стојаково, 1927) е автор на повеќе монографски дела за културното наследство во македонските манастири и за своето творештво е добитник на бројни општествени признанија и награди, меѓу кои и на „Св. Климент Охридски“ за животно дело во 2008 година.