Почна да се гаси пожарот на дивата депонија во Струга
Еколошка катастрофа во Струга. Гори депонијата, низ градот се шират густ чад и непријатна миризба. Граѓани на протест, апелираа итно да се најде решение за проблемот. Надлежните институции синоќа испратија соодветна механизација за гасење на пожарот што неколку дена предизвикува сериозни проблеми. Прашањето се најде и во Собранието. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорчев побараа итна седница за овој проблем, спикерот Џафери го повика обезбедувањето на говорницата.

Депонијата во Струга гори повеќе од една недела. Стружани се гушат. Неподносливите чад и реа ги изнесоа на протест. Побараа од надлежните час поскоро депонијата да се изгасне и да се воспостави 24- часовен надзор за повторно да не се запали.
Проблемот во градот ги подигна тензиите и во Парламентот. Пратениците НА ВМРО-ДПМНЕ побараа да се свика итна седница за проблемот што им го нарушува здравјето на Стружани. Спикерот Џафери не дозволи пратеникот Ѓорчев да зборува на оваа тема и побара од обезбедувањето да го отстрани од говорницата.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев изјави дека владата прави напори да се надминат горливите прашања во областа на екологијата особено со депониите во Струга, Тетово и Дрисла.
Стружани најавија граѓанска непослушност ако брзо не се преземат мерки за надминување на состојбата.
Игор Панов
