Путин по 15-ти пат одговараше на прашања на јавноста

16.06.2017 14:34

Путин во текот на четири часа одговараше на прашања од повеќе теми, меѓу кои се најдоа прашањата за Сирија, Украина, иднината на фабриките, индустријализацијата на Арктикот, корупцијата, односите со опозицијата, како и економијата и „руската трага“ на американските избори.

Рускиот претседател Владимир Путин по 15-ти пат одговараше на прашањата на граѓаните во формат „Директна линија“. Путин во текот на четири часа одговараше на прашања од повеќе теми, меѓу кои се најдоа прашањата за Сирија, Украина, иднината на фабриките, индустријализацијата на Арктикот, корупцијата, односите со опозицијата, како и економијата и „руската трага“ на американските избори. Во однос на ова прашање тој рече дека ниту една земја не е способна да влијае на претседателските избори во САД. Истакна дека Русија не ја смета САД за свој непријател како и дека Москва е многу заинтересирана за нормализирање на односите со Вашингтон. Меѓудругото, рускиот лидер наведе дека се надева на конструктивна улуга на САД во решавање на кризата на истокот од Украина.

„Како шеф на руската држава, можам да ви го кажам следново: го знам расположението на нашиот народ, и ние не ја сметаме Америка за непријател. Уште повеќе, како што знаеме, двапати во минатото кога било екстремно тешко, сме се обединувале во двете Светски војни и сме делувале како сојузници“- рече рускиот претседател Владимир Путин.

Путин рече дека Москва е подготвена да му понуди политички азил на порашениот директор на ФБИ, Џејмс Коми, за кого рече дека не се разликува од Едвард Сноуден. Според Путин, Коми кој тајно ги снимал разговорите со американскиот претседател Трамп, е повеќе активист за човекови права отколку шеф на тајна служба.

Рускиот преседател рече дека Русија е историски навикната да живее под санкции и дека земјата со тоа се соочува откако станала важен фактор.

„Нашите светски партнери чувствувале дека Русија е сериозен конкурент. Сме поминувале низ тоа низ целата руска историја, не само во времето на Советскиот сојуз, па дури и пред тоа“- нагласи Путин.

На традиционалната годишна „Директна линија“, Путин одговара на прашања на граѓаните од цела Русија, а агенциите пренесуваат дека оваа година стигнале меѓу 1,8 и 2 милиона прашања. Меѓу прашањата има и такви кои се од лична природа. Тема на тие прашања биле неговите деца и внуци кои лидерот вешто ги крие од јавноста.

Марина Автовска