Мијалков на распит во СЈО за случајот „Талир“

16.06.2017 14:49

Поранешниот прв човек на тајната полиција е осомничен во неколку случаи што ги отвори СЈО.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, e на распит во Специјалното јавно обвинителство за да даде исказ за случајот „Талир“. Заедно со Мијалков, во СЈО пристигна и адвокатот Љупчо Шврговски.

Поранешниот прв човек на тајната полиција е осомничен во неколку случаи што ги отвори СЈО.

Специјалното јавно обвинителство постапувајќи по предметот „Талир“ до Врховниот суд поднесе барање за заштита на законитоста. Се бара судот да ја поништи одлуката на скопска единица по нивното барање за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.

Исполнети се сите законски претпоставки за обезбедување на имотот кој што потекнува од кривичното дело, а воедно на првостепениот суд му беше приложен и обемен доказен материјал проследен со финансиски анализи кои го поткрeпуваат барањето, соопштуваат од СЈО.

Се укажува и на неопходноста од толкување на Законот за финансирање на политичките партии во согласност со меѓународните стандарди врз основа на кои овој закон е донесен, и на околноста дека рестриктивното толкување на првостепениот суд на споменатиот закон е во спротивност и со заложбите за спречување на корупцијата како неопходен услов за градење на демократско општество и почитување на принципот на владеењето на правото, стои во соопштението од Специјалното јавно обвинителство.