Промоција на Балканот како заеднички туристички бренд

16.06.2017 15:41

„Дестинацијата како бренд- брендирање на мали туристички дестинации“ е темата на која во Охрид дискутираат членките на Балканската асоцијација на здруженијата на хотелиерите- БАХА. Целта е промоција на Балканот како туристички бренд без граници, со што ќе се привлечат повеќе туристи во регионот.

Промоцијата на Балканот како заеднички туристички бренд, без граници и заеднички настап на другите пазари е целта на членките на Балканската асоцијација на здруженијата на хотелиерите од шест држави. Во изминатите 12 години од формирањето на БАХА е многу направено, но останува најтешкиот дел, договореното и испланираното целосно да стане оперативно.

„Се надеваме дека од оваа конференција ќе произлезат квалитетни заклучоци, кои стопанството ќе може да ги примени и ќе ги проследи до државните и локалните институции, кои се надеваме ќе дадат подршка во реализацијата на замисленото и можноста да профункционира туристички Балкан без граници“, изјави Дончо Танески, почесен претседател на ХОТАМ.

„БАХА е првата регионална иницијатива која ги препозна современите туристички текови според кои развојот и иднината на туризмот е во промовирањето на поголеми дестинации. Сака да ги спои државите во регионот за да ги надминат политичките бариери, да ги спојат туристичките понуди и да ги нудат како една целина“, изјави Иван Џоковиќ, потсекретар за туризам во Владата на Војводина.

„Мора да се работи на тоа. Балканот е една дестинација која за нас овде не значи многу, но на светско ниво е доста позната. Ќе приметиме дека добиваме гости од сите страни. Значи се познати и да споменеме неколку од нив, како Кина, Кореја и Јапонија, кои порано не сме ги имале“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

За Балканот да се промовира како регионален туристички бренд е потребна долгорочна стратегија.

„За да се изведе проектот на брендирање потребно е целото општество и целата администрација да функционира на долг рок, бидеќи тој процес трае од пет до дваесет години. Поради брзите политички промени во земјите од регионот и наметнувањето на нови стратегии за развој на туризмот со секоја промена на власта, не постои континуитет од тој тип“, изјави Милош Миловановиќмеѓународен консултант за туризам.

Во рамките на конференцијата утре во албанскиот град Поградец се очекува да се потпише протокол за соработка помеѓу ресорните министерства на Македонија и Албанија.

 

Сашо Нелоски