Народен правобранител: Татковското право да е исто како и мајчиното
И татко да може да оствари право на надоместок за трето дете- Народниот правобранител со иницијатива за законски измени...

И татковците да имаат право да добиваат надоместок за трето дете. Ваква иницијатива до Министерството за труд и социјална политика поднесе Народниот правобранител. Оттаму сметаат дека e потребна сериозна анализа на Законот за заштита на децата. Тврдат дека постојните нормативни решенија предизвикуваат нееднаквост и правна несигурност бидејќи само мајката може да го оствари ова право.
Нелогичности во функционирањето на законот констатирал Народниот правобранител и кај корисниците на социјалната парична помош. Според Бајрамовска, тие треба да изберат дали ќе земаат пари за социјална помош или за трето дете.
Некои одредби од законот се во спротивност со темелните вредности на Република Македонија, вели Народниот правобранител. На пример, мајката не може да добие пари ако за време на бременоста не вршела здравствени прегледи и контроли кај избран лекар, жените пак, во Шуто Оризари со години немаат пристап до гинеколог и поради тие причини не добиваат надоместок, велат од канцеларијата на правобранителот.
Оттаму апелираа да се зајакне едукацијата на социјалните работници.
Од ресорното министерство велат дека ја немаат добиено иницијативата на Народниот правобранител. Кога ќе биде доставена, внимателно ќе биде разгледана. На почетокот од идната недела, министерката Царовска ќе оствари средба со Мемети, на која ќе биде разговарано и за оваа иницијатива- стои во соопштението од Министерството.
Викторија Милевска
