Милајков на распит во СЈО, побарал увид во доказите

16.06.2017 16:14

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков на распит во Специјалното јавно обвинителство. Тој е осомничен во три истраги. Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти и дека побарало од Врховниот суд да утврди дека е незаконско решението на кривичниот совет со кое го одби барањето за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за случајот „Талир“ кој се однесува на незаконско финансирање на партијата.

По повеќе од два часа поминати во Специјалното обвинителство, поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков си замина без да даде изјава за медиумите. На новинарските прашања не сакаше да одговори ниту неговиот бранител, адвокатот Љупчо Шврговски. Од Специјалното обвинителство информираат дека Мијалков побарал увид во доказите за неколку предмети, што му било овозможено.

Неговото име се споменува во истрагите на Специјалното обвинителство поврзани со масовното незаконско преслушување, незаконското лишување од слобода на претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски и во случајот со нелегалната набавка на опрема за потребите на Петтата управа во МВР.

СЈО денеска до Врховниот суд поднесе и барање за заштита на законитоста во случајот Талир со кое бараат највисокиот суд во државата да утврди дека Кривичниот совет на скопска единица незаконски го одбил нивното барање за обезбедување на имотот на, како што велат, една политичка партија. Главниот аргумент на СЈО зошто бара замрзнување на имотот е, како што велат, поради посторње на основано сомнение дека тој е стекнат со злоупотреба на службената положба на осомничените.

Причините за поднесување на Барањето за заштита на законитоста се во фактот што во конкретниот случај се исполнети сите законски претпоставки за обезбедување на имотот кој што потекнува од кривичното дело, а воедно на првостепениот суд му беше приложен и обемен доказен материјал проследен со финансиски анализи, кои го поткрeпуваат барањето за обезбедување на имотот – се вели во соопштението на Специјалното обвинителство.

 

Анита Димитријевска