Се гаси пожарот во депонијата кај Струга

16.06.2017 16:29

Механизацијата направи приод, противпожарните служби почнаа да го гаснат пожарот во депонијата кај Струга. Надлежните најавуваат решение на проблемот. ВМРО-ДПМНЕ предлага итна дислокација.

Се гаси пожарот во дивата депонија кај Струга. Со механизација на повеќе приватни компании и јавни претпријатија беше расчистен и тампониран приоден пат по кој ќе се движат против пожарните возила и камионите со земја. Потоа почна и тампонирање на депонијата која е во непосредна близина на градот. Владата формира експертска интер- ресорска работна група која треба да го разгледа и понуди трајно решение на проблемот со користење средства од ИПА.

Според најавата на локалните власти се предвидува поставување слој од хумус и озеленување на просторот. Напладне Струга и просторот на дивата депонија го посетија министрите во Владата, Зоран Шапуриќ и Рамиз Мерко.

Реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Потсети дека пожарот е активен од 16-ти април годинава и го загрозува здравјето на 100 илјади жители во три општини, а ќе влијае негативно и на труристичката сезона во Струга. Од Владата се бара брз одговор, дислокација на дивата депонија и трајно решавање на проблемот.

Проблемот со депонирањето на сметот е актуелен во земјава. Постојат 54 комунални депонии и уште околу 1.000 диви. Според Законот за управување со отпад, предвидено е регионално управување, односно општините во осумте плански региони имаат обврска да изградат регионални депонии во што не успеаа.

ЕУ преку твининг проект работи на усогласување на домашната со европската директива во оваа област.

 

Свето Николовски