Заев на средба со Борисов
Се очекува една од темите на разговорите да биде и договорот за добрососедство. Заев пред посетата на Софија, на неколку наврати истакна дека од Бугарија очекува добра соработка и поддршка за македонските евроатлантски аспирации...

Македонскиот премиер Зоран Заев во официјална посета на Бугарија. Во Софија е во тек средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Попладне ќе се сретне и со претседателот Румен Радев.
По Брисел, ова е втората дестинација на Заев по формирањето на новата влада. Се очекува една од темите на разговорите да биде и договорот за добрососедство.
Заев пред посетата на неколку наврати истакна дека од Бугарија, која од 1-ви јануари идната година го презема претседавањето со Европската унија, очекува добра соработка и поддршка за македонските евроатлантски аспирации.
И бугарскиот премиер Борисов, по изборот на новата македонска влада, изрази уверување дека Софија и Скопје ќе работат на зацврстување на добрососедските односи и за приближување на Македонија кон ЕУ и НАТО.
Покрај политичкиот дел и средбите со Борисов и со Радев, предвидено е македонската владина делегација предводена од премиерот Заев, во Софија да има и повеќе бизнис средби.
