Лондон прифати преговорите за Брегзит да се одвиваат во две фази

20.06.2017 10:47

Ова е првата отстапка на британската влада којашто по референдумот бараше преговорите да се водат паралелно. Брисел потенцира дека нема да работи против Велика Британија.

Британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис се согласи преговорите за излез на Велика Британија од ЕУ да се водат во две фази. На почетокот ќе се преговара околу постигнувањето договор за условите за Брегзит, а потоа за идните билатерални односи, вклучувајќи и спогодба за слободна трговија. Ова е првата отстапка на британската влада којашто по референдумот бараше преговорите да се водат паралелно. Брисел потенцира дека нема да работи против Велика Британија.

„Ги договоривме датите, организацијата, приоритетите во преговорите. На почетокот ќе се справуваме со најтешките прашања. Мора да ја отстраниме неизвесноста којашто ја предизвика Брегзит. Сакаме да се осигураме дека повлекувањето на Британија се одвива на соодветен начин“, изјави преговарачот на ЕК, Мишел Барние.

„Ова е почетокот на патувањето на Лондон и Брисел, не чека долг пат, но стартот ветува, првите важни чекори ги правием заедно. Ќе ја делиме одговорноста за овозможување на брз и суштински процес“, рече британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис.

Средбите ќе се одржуваат секој месец. Наредната е закажаната за 17 јули.