Заев- Борисов: Приближени ставовите околу договорот за добрососедство

20.06.2017 12:42

Заев побара поддршка од Бугарија како иден претседавач со Европската унија за македонските евроинтеграции. Приближени ставовите околу договорот за добрососедство.

Македонскиот премиер Зоран Заев е во официјална посета на Бугарија. Во зградата на Министерскиот совет имаше средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Заев побара поддршка од Бугарија како иден претседавач со Европската унија за македонските евроинтеграции. Приближени ставовите околу договорот за добрососедство.

„Денеска разговаравме и навистина ги доближивме нашите ставови во функција на потпишувањето на договорот за добрососедство и соработка помеѓу нашите две земји. Остана еден мал детал, и зедовме обврска на заедничкото чествување на Илинден, Илинденското востание во Македонија, да го завршиме потпишувањето на договорот за добрососедство и билатерална соработка меѓу нашите две земји, каде на наша покана, премиерот Борисов ќе ја посети Македонија, и заедно по втор пак ќе се поклониме пред споменик од нашата заедничка историја“, рече премиерот Заев.

Бугарија е за единствена Македонија, членка на ЕУ и на НАТО- изјави Борисов.

„Ќе направиме сѐ што е можно со пријателска Грција да работиме заедно да ги решиме сите проблеми, бидејќи дестабилизацијата на Македонија, значи и дестабилизација на нашите граници. Ние сме за единствена Македонија, ние сме за членство на Македонија во НАТО, а потоа и во Европската унија“, рече бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Премиерот Заев попладнево ќе оствари средба и со претседателот на Бугарија, Румен Радев. Покрај политичкиот дел и средбите со Борисов и со Радев, предвидено е македонската владина делегација предводена од премиерот Заев, во Софија да има и повеќе бизнис средби.

По Брисел, ова е втората дестинација на Заев по формирањето на новата влада.