Евтаназија за децата од Белгија

12.02.2014 18:01

Белгија еедна од ретките земји каде евтаназијата за возрасни е легална. Но, законодавниот дом на оваа држава е спремен да го укине возрасното ограничување, со што правото на убиство од милосрдие би се проширило и на децата. Парламентот утре ќе гласа за законот.

Со масовно присуство на деца и со гласни негодувања на постарите, во Брисел се одржаа демонстрации против законот за евтаназија на малолетници.

„Евтаназијата е пораз, таа е смрт, таа не е лек против болки. Јас имам четири деца и знам дека ниту еден родител не сака да ги види сопствените деца како страдаат. Но иако сме немоќни, надежта не смее на умре, на смртта не смееме да и се предадеме“, Мари Шварц – мајка на четири деца

Доколку се усвои актот, децата под 18 години, кои имаат неподнослива физичка болка и страдаат од тешка болест, ќе можат да побараат евтаназија, под услов, нивните родители да се согласат. Исто така, тројца доктори и психолог ќе треба да потврдат дека детето е свесно за последиците од донесената одлука.

„Законските одредби се прецизни и тие се однесуваат на мал број малолетни лица кои се наоѓаат во напредна фаза на рак или некое друго неизлечливо заболување. Тука зборуваме за деца кои се пред крајот на животот, деца на кои не им остануваат ниту неколку месеци живот“, изјави Жерлан Вар Берлер – Шеф на клиниката за педијатрија на Универзитетската болница „Брисел“

Белгиската црква е против предлог законот.

Доколку актот биде изгласан,за да стапи во сила, ќе мора да биде потпишан од Кралот Филип.

Моменталниот белгиски закон за евтаназија е од 2002. Според него, граѓаните на Белгија ќе мора да наполнат 18 години пред да побараат убиство од милосрдие.

Роберт Димковски