Росоман

Овоштарите незадоволни од откупот на праските го блокираа патот Градско- Прилеп

20.06.2017 13:23

Еден час траеше блокадата на регионалниот пат Градско- Прилеп кај Росоман со која овоштарите изразија револт поради немањето пласман, а на патот исфрлија и праски. Доколку не се реши проблемот, како што изјавија, протестот ќе се радикализира...

Ниската откупна цена и немањето пласман за годинашниот род праски беа причини земјоделците еден час да го блокираат регионалниот пат Росоман- Прилеп. Незадоволните овоштари истурија и праски на патот, а најавија радикализација на протестите, доколку не се реши нивниот проблем.

„Да се помогне да можеме да го решиме проблемот со пласманот.Имаме сериозен проблем, немаме купувачи,праската не оди. Не е како минатата година,цените се ниски. Критериумите на рускиот пазар се зголемени, не можеме веќе да настапиме. Да дојдат тука, да седнеме да разговараме и да се обидат да ни го решат проблемот“, изјави Игор Милошевиќ, претседател на Здружението на овоштари „Росоманска долина“.

Локалните власти велат дека годинава цената е рекордно ниска. Гајба праски за домашен пазар се плаќа 50 денари, извоз нема, а земјоделците само гајбата ја плаќаат 25 денари.

„Навистина се соочуваат со еден страшен проблем на рекордно ниска откупна цена. Ние земјоделците препознаваме дека нешто се случува, затоа што критериумите и квалитетот на праските е ист. Се бараат некои поголеми критериуми кои не може да се исполнат максимално, заради тоа ние не можеме да иазвезуваме. Се гледа дека нешто е намерно блокирано“, изјави Стојанче Лазов, градоначалник на Росоман.

Лазов најави седница на Советот на општината и побара од ресорното министерство и од Владата интервентно решение, односно изнаоѓање алтернативни пазари. Земјоделците велат дека имаат непотврдени информации за увоз на праски од Грција и од Албанија и се заканија дека ќе ги исечат дрвцата со праски.

Вчера министерството за земјоделство излезе со соопштение во кое се вели дека при посетите на терен и средбите со производителите и откупувачите било утврдено дека голем број регистрирани откупувачи немаат стабилни партнери за извоз, а постојат и вештачки блокади од странските партнери поради неусогласеноста на цените при откуп. Трговците забележуваат дека во една гајба им биле пакувани по три сорти праски и дека производите се чувале несоодветно.

Владата најави поттикнување изградба на складишни капацитети и откупно дистрибутивни центри со капацитет до 5.000 тони, како и поддржување иницијативи за изградба на мали ладилници со капацитет до 500 тони, со што би се постигнала повисока откупна цена.

Свето Николовски